25 May 2021

Open Gi и младите таленти кои излегуваат од академиите на SEDC

Пандемијата предизвикана од Ковид-19 и стравот од неизвесноста, како и кога ќе заврши, креираше нова сегашност на луѓето ширум светот, принудувајќи ги да се приспособат кон новото секојдневие. Информативните технологии станаа сѐ поприсутни во сите сегменти од животот и без нив не може да се замисли развојот на која било област.

На таа тема денеска разговараме со Софија Гугоска Бабаческа, раководител на единицата за развој во Македонија во компанијата Open Gi.

На почеток, која е Софија Гугоска Бабаческа?

Дипломиран инженер по информатика со повеќе од 20 години работно искуство во развој на софтверски решенија.
Решавањето проблеми и загатки ми е предизвик уште од дете па остана и да ми биде водилка во изборот на кариерата. Моето работно искуство е доста разнолично, од администрирање системи, програмирање, деловна анализа, до водење тимови и проекти.
Последните години сум повеќе ориентирана кон водење и градење високо продуктивни тимови, преку имплементирање на различни структури и методологии, но најважно од сѐ преку личен и професионален развој на секој поединец во тимот. Приватно, сопруга и мајка на 2 деца, љубител на добра книга и музика.
Пасија ми се игрите за бегство од соба како дигитални така и реални.

Да појасниме за читателите, што претставува Open Gi?

Open GI е компанија која развива широк спектар на софтверски решенија за осигурителни брокери, underwriting агенции и осигурителни компании во Велика Британија и Ирска, почнувајќи од 1979 година до денес.
Како меѓународна компанија, Open Gi брои околу 500 вработени кои се распоредени низ повеќе канцеларии во Велика Британија, Полска и Македонија. На пазарот во Македонија постоиме веќе 5 години и сме околу 50 вработени.
Оваа година сме фокусирани на градење на нашето ново SAAS решение, односно софтвер како услуга, коешто треба да почне да се користи во втората половина на 2021 година и да го зголеми нашето портфолио на продукти. Пред една година кога започнавме со оваа програма и нејзиното дефинирање, се организираа различни работилници во нашата компанија за да се дефинираат главните цели и функционалности на нашето решение. На една од тие работилници, нашиот топ менаџмент низ различни вежби беше воден од консултантската компанија да одлучи кои  5 клучни работи ќе ја дефинираат програмата. На прво место едногласно беше избран квалитетот како една од најважните цели, а дури на трето место беше времето на испорака. Со тоа целата програма се организира околу квалитетот, се избра развој преку тестирање (TDD) и програмирање во парови (pair programming) сѐ со цел да се обезбеди поголем квалитет.
Фокусирани сме на градење независни и самоорганизирани тимови со рамна структура, со акцент на отворен разговор и конструктивна критика со цел побрз и подобар развој.

3.Како напредокот на софтвер тестерите може да придонесе во надминувањето на оваа специфична состојба во која се наоѓаме?

Тестерите на софтвер се едни од клучните луѓе во развојот на софтверските решенија. Нивниот начин на размислување и ориентираноста кон детали при решавањето на одреден проблем е различен, но, во исто време, и комплементарен на оној на програмерите. Додека, тестерите се повеќе ориентирани кон корисничкиот аспект на решението, програмерите се фокусираат на подобро технолошко решение кое како крајно не е секогаш и најдобро решение. Еден со друг се надополнуваат и овозможуваат развој на посигурни, побезбедни и системи со подобри перформанси.Напредокот на тестерите на софтвер директно влијае на подобрувањето на квалитетот на секој софтверски продукт.

4.Од какво значење е соработката со Сеавус Едукативниот и Развоен Центар во справувањето со предизвиците кои ги наметна новото време?

Пандемијата во ИТ индустријата искрено предизвика позитивен бум. Одеднаш се отвори еден нов пазар на нови решенија, нови идеи за реализација и тоа предизвика и голема побарувачка за нови развојни тимови и отворање нови работни места. Македонија нуди квалитетен кадар во ИТ индустријата но сите сме свесни дека во оваа индустрија извозот на кадар има и најголем замав.
СЕДЦ, нам како и на компаниите на македонскиот пазар, ни овозможува брз пристап до едуциран и квалитетен кадар кој потоа ние може да го градиме низ нашите интерни процеси и начини на работа.
Во кратки црти, соработката со СЕДЦ е од големо значење за нас и се надевам дека ќе ја засилиме и продлабочиме во догледно време.

5.Вработивте млади, креативни и стручни луѓе од СЕДЦ. Какви беа вашите очекувања и дали студентите ги исполнија истите?

Мислам дека е многу неблагодарно да се постават одредени очекувања кон луѓето пред да се запознаеш со нив, бидејќи без разлика од која образовна институција доаѓаат процесот на учење и пристапот кон работа, сепак, е многу индивидуален. Секој кандидат од СЕДЦ кој се пријави за практична работа и вработување кај нас го помина целосно процесот на интервјуа за работа.

Она што можам да истакнам е дека сите беа добро потковани со знаење, ја разбираа терминологијата, и како функционираат работите, така што изборот на кандидати, на крај, се сведе на нивната способност за решавање на проблеми и желбата за нивен напредок и учење.

Не погрешивме со кандидатите кои ги избравме, веќе втора година се дел од нашата компанија и сме многу задоволни, а се надевам дека се и тие.

6.За крај, која е вашата препорака за сите оние кои во иднина ќе се запишат на Акедемиите во Сеавус Едукативниот и Развоен Центар?

Бидете посветени и давајте сѐ од себе. Не фокусирајте се премногу на крајниот резултат, учете за да разберете, а не само да поминете и да ги положите испитите. Не плашете се да поставувате прашања и да барате одговори. Колку повеќе се вложувате, толку подобар успех ќе имате. И на крај едно мото кое, ете, мене ме води низ животот: Тешко? Да. Невозможно? Не.