04 September 2021

Успешната соработка на SEDC и Seavus низ годините

Кратко портфолио за Seavus?

Во своите 20+ години постоење, Сеавус има изградено извонредно портфолио на outsourcing проекти за развој на софтвер. Во овој период од 20 години, Сеавус успешно ги поддржува клиентите од различни индустрии, преку директно вклучување во процесот на развивање на нивните идеи и постигнување на нивните цели. Сеавус со својата експертиза, има помогнато на многу водечки светски компании во Шведска, Европа и САД, како што се Sunrise, GlobalStar, Tele2, Cardlay, Eurogiro, Banka Intesa, Bosch и многу други, да ги донесат своите технолошки решенија од следната генерација на пазарот. Нашето широко портфолио вклучува успешни приказни и партнерства со глобални телекомуникациски оператори, интернационални банки, компании за банкарство, финансии и тргување, Fintech компании, осигурителни компании, високо-технолошки компании, компании за обложување и игри и многу повеќе.
Денес, Сеавус брои над 850 вработени во 15 канцеларии распоредени низ 8 земји: Шведска, САД, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Белорусија, Швајцарија и Молдавија. Нашето проширено портфолио опфаќа решенија BSS/OSS, CRM, CEM, Business Intelligence, ALM, Managed Services, Embedded програмирање, деловни и потрошувачки производи, мобилни решенија и игри, како и сопствен развој и консултантски услуги.
Дополнително, во Декември, 2020 година, Сеавус беше купен од Чешката група Арикома, која е дел од групацијата KKCG, и брои повеќе од 3.000 вработени. Нашите заеднички напори и сили ќе донесат зголемени пазарни проширувања, како и дополнителни можности за вработените во Сеавус да го забрзаат и подобрат нивниот професионален развој и да работат на уште повозбудливи проекти и технологии.

Што ве издвојува од другите компании?

Како интернационална компанија која во моментов има развојни центри во 15 канцеларии во 8 различни земји, разновидноста и мултикултурата, искуството на нашите ИТ експерти, културата на споделување идеи и секојдневното работење заедно со клиенти и партнери е она што ја прави нашата работа интересна и што овозможува Сеавус како компанија да се издвои од останатите. Обезбедувајќи соодветни работни услови, го олеснуваме создавањето на здрава, мотивациска средина која истовремено ги задржува сегашните и ги привлекува идните таленти. Сеавус им овозможува на вработените да учат и работат со најнови технологии, работејќи нa нови иновации кои се доставуваат до клиентите, но и на проекти кои се дел од внатрешната заедница Open Project, која се фокусира на развојна обука за ефикасно справување и откривање нови рамки и технологии. Ова им овозможува на нашите вработени да научат и да се запознаат со технологии кои се од суштинско значење за да останат иновативни, конкурентни и подготвени да ги остварат новите концепти и идеи.
Дополнително, пакетите со бенефиции за вработените се насочени кон подобрување на квалитетот на животот на вработените, рамнотежата помеѓу приватниот и професионалниот живот, конекциите, како и целокупната физичка и ментална благосостојба.
За да ги задржиме нашите вработени ангажирани и мотивирани, Сеавус организира разновидни настани, спортски активности и предизвици за вработените во рамките на нивното слободно време од секојдневниот живот.

Која е причината за постојаниот раст на интересот за Cloud Ops инженери?

Постојаниот раст на интересот за Cloud инжинери се должи на неколку фактори. Пред се, тоа е се поголемата популарност на Cloud провајдерите како Azure, AWS, GCP, за хостирање на ИТ решенија која пред се, се должи на квалитетот и разноврсноста на услугите кои ги нудат, поедноставениот пристап до самите услуги, нивната стабилност, можност за поставување на различни географски локации, можноста за инстантно зголемување или намалување на хардверските ресурси кои се користат а со самото тоа и флексибилноста на месечниот трошок за соодветните услуги. Таа нивна популарност, се повеќе и повеќе ги привлекува како новите, така и компаниите кои претходно или во овој момент ги хостираат своите решенија локално да мигрираат кон хостирање на Cloud пројвајдерите. Кога на тоа ќе се надополни и зголемувањето на довербата во нив во врска со безбедноста на податоците кои една компанија ги складира на тие платформи како и промената на законските регулативи во многу земји која сега дозволува податоците да бидат складирани на Cloud платформи, сосема очекувано е дека и побарувачката за имплементација на нови инфраструктури на Cloud се зголемува, а со самото тоа нормално и потребата од се повеќе Cloud инжинери кои би ги работеле тие имплементации, како и понатамошното одржување на истите. Ако порано беше исклучок клиент да побара понуда неговото ИТ решение да биде хостирано на Cloud, сега е обратно. Сега се исклучок клиентите кои бараат нивното ИТ решение да биде складирано на физичка/локална локација.

Што ги издвојува нашите студенти, и кои се нивните најсилни адути?

Добро смислената академска програма, која е таргетирана и во голем дел вклучува практични вежби кои всушност целосно или во најголем процент се поклопуваат со активностите кои на идните Cloud инжинери подоцна им се дел од дневните активности е еден од најголемите адути. Со ова, тие го имаат предзнаењето кое е потребно за позицијата Cloud инженер, а и дополнително, времето на почетна обука низ која поминуваат Cloud инжинерите кога ќе почнат да работат во Сеавус драстично се намалува во однос на останатите, така што многу брзо стануваат, како што би се рекло, продуктивни. Тоа секако и на нив самите им ја олеснува работата, бидејќи основите, па и повеќе во врска со овие технологии ги имаат стекнато во SEDC, и сега им останува само да стекнуваат работно искуство и да се доусовршуваат, и секако да напредуваат во својата кариера. Да не ги заборавиме тука и инструкторите во академијата, дел од нив кои и лично ги познавам и сум соработувал по разни основи, а кои се доста искусни, и не само што имаат доволно, и теоретско и практично познавање за материјата која ја предаваат, туку и знаат вистински како да го пренесат знаењето на студентите.

Што би ги советувале идните студенти, доколку сакаат да ја продолжат својата кариера во Seavus?

Што би ги советувал? Прво, дека го направиле вистинскиот чекор со одлуката да се запишат на некоја од академските програми на SEDC. А потоа, навистина да се вложат во совладување на материјата, да демонстрираат професионалност и квалитет додека ги посетуваат часовите и додека ги изработуваат задачите, да демонстрираат проактивност и желба за учење дури и надвор од она што го бара самата студиска програма и секако да не се откажуваат, дури и во моменти кога некој предмет им изгледа тежок или невозможен поради комплексноста или обемноста. Затоа што целата таа пожртвуваност на крај се исплати. Ние сме во постојан контакт со инструкторите и менаџментот на SEDC и сите студенти кои биле успешни во нивното студирање во SEDC се потенцијални нови вработени во Сеавус веднаш по завршувањето на студиите или подоцна.